Човековите акивности во блиска иднина од само неколку децении ќе можат да предизвикаат изумирање на милиони видови, предупредува извештајот кој денес го објавија од ОН.

Вакво брзо исчезнување на растенијата и животните, веќе може да се нарече шесто масовно изумирање. Масовните изумирања во минатото секогаш биле предизвикани од катаклизмички причини и тоа во големи размери, како удар од големи астероиди или пак масовни вулкански ерупции. Овојпат причината е човекот.

Како најголеми причини за уништувањето кое ѝ се заканува на планетата Земја, се претераната употреба на ресурсите, ловот, сечењето на шумите и емисиите кои настануваат од согорувањето на фосилните горива. Четвртина од сите познати видови на растенија и животни веќе е загрозена, а размерите на нивното исчезнување, десет или стопати се побрзи во последните 10 милиони години.

Извештајот, кој што на 1.800 страници го составил меѓународното државно тело „Intergovernmental Science-Policy Platform on Biodiversity and Ecosystem Services (IPBES)“, се темели на повеќ од 15.000 академски трудови и истражувања, а една од клучните идеи им е да ги предупредат политичарите на најдобрите можни начини во борбата со климатските промени.

Минатата недела, авторите на извештајот, во Париз оддржале состанок со претставниците од власта, од повеќе од 130 држави со цел на документацијата да ѝ дадат конечна и дообработена форма.

Според нив, околу 75 отсто од копното, околу 50 отсто од реките и езерата и околу 40 отсто од сите мориња и океани, веќе покажуваат сериозни знаци за пропаѓање предизвикани од човечките активности.

Од 1980-те до денес, емисијата на стаклените гасови, предизвикани од согорувањето на фосилните горива, се зголемиле дупло, а просечната температура се зголемила за 0,7 целзиусови степени, тврдат авторите.

„Би рекол дека најверојатно извештајот ќе се интерпретира со констатации од стилот: Луѓе, навистина сме во неволја! Меѓутоа, постои решение“, пред собирот изјавил водителот за BBC, IPBES, проф. Боб Ватсон.

„Нашиот извештај ќе зборува за размерите во кои ја губиме биоразновидноста и за степенот до кој можеме да ја заштитиме во иднина“, додал тој.

Документот предвидува дека изумирањето, во наредните десет години постојано ќе се зголемува.