Интернетот е составен од мали парчиња кодови што патуваат по светот преку жици тенки како влакно од коса распоредени на дното на океанот. Податоците се испраќаат од Њујорк до Сиднеј, од Хонг Конг во Лондон, толку брзо колку што ви треба да го прочитате овој збор.
Речиси 1,2 милион километри кабли веќе ги поврзуваат континентите за да ја задоволат нашата огромна потреба за комуникација и забава. Компаниите ги здружуваат ресурсите за да соработуваат на подводни проекти, кои се како автопат што сите тие го делат.
Но, Гугл сега сака по свој пат во проектот за поврзување на САД со Чиле, каде што се наоѓа најголемата база на податоци на оваа компанија во Латинска Америка.
– Луѓето мислат дека податоците се во облак, но не се – вели Џејн Стауел, која ја надгледува изградбата на проектот на Гугл. „Тие се во океанот“.
Но, стигнувањето до нив е процес што бара многу напор и средства. Финансиски, пред сè. Брод под името „Дјурабл“, долг 139 метри, ќе достави кабли до морето. Но каблите прво треба да се произведат во фабрика во Њуингтон, Њу Хемпшир.
Во оваа фабрика во сопственост на „Сабком“ (SubCom) има специјални машини за производство на кабли.
Каблите првично се само групи на тенки нишки од стаклени влакна. Ласерите испраќаат податоци низ нишките со брзина на светлината со помош на технологија на оптичко влакно.
Откако ќе стигнат во земјата и ќе се поврзат на постојната мрежа, податоците неопходни за да прочитаме е-порака или да отвориме интернет-страница доаѓаат до нашите апарати.
Иако повеќето од нас користат интернет преку ви-фи мрежа или размена на податоци на телефон, овие системи физички поврзуваат кабли што со огромна брзина пренесуваат информации низ светот.
Во процесот на производство каблите поминуваат низ глодалки со големина на млазен мотор, завиткувајќи ја жицата.
Неопходна е најмалку една година за прописно да се испланира патеката на каблите за да се избегнат подводни катастрофи, иако каблите се прават за да можат да издржат морска струја, земјотреси и други потреси во морето. Секој кабел би требало да трае до 25 години.
„Дјурабл“ ќе превезе 6.400 километри кабли со тежина од околу 3.500 тони.
Каблите мора да се наредат во бродот, а додека еден работник го намотува кабелот, други мора да водат сметка да не се врзе во јазол. За во бродот да се натовари неопходната количина кабли, потребни се околу четири недели.
Првиот трансатлантски кабел е завршен во 1858 година и ги поврзувал Америка и Велика Британија. Кралицата Викторија ја одбележала таа пригода со испраќање порака до претседателот на САД, Џејмс Бјукенон, а пораката – која тогаш била револуција – патувала цели 16 часа.
Иако во меѓувреме почнале да се користат безжични и сателитски технологии, каблите сè уште се најбрз, најефикасен и најевтин начин информациите да се испраќаат преку океанот. Сепак, тоа сè уште е далеку од евтино: Гугл не сака да ја открие цената на својот проект во Чиле, но експертите сметаат дека трошоците би можеле да изнесуваат дури 350 милиони долари.
Во модерно време, најголем дел од каблите им припаѓа на телекомуникациските компании, но американските технолошки гиганти преземаат сè повеќе контрола врз нив. Гугл контролира најмалку 14 кабли во светот.
Амазон, Фејсбук и Мајкрософт инвестираат во центри во Северна Америка, Јужна Америка, Азија, Европа и Африка.
Многу земји каблите ги гледаат како критична инфраструктура, а проектите неретко се предмет на геополитички расправи. Минатата година Австралија го блокираше кинескиот технолошки гигант „Хуавеј“ во обид да постави кабел што би ги поврзувал Австралија и Соломонските Острови, а сè поради страв дека Кина така би можела да добие пристап до мрежата.
Откако проектот во Латинска Америка ќе биде при крај, Гугл планира да постави кабел што ќе ги поврзува Вирџинија и Франција, а кој би требало да биде во функција најдоцна до 2020 година.
Компанијата досега отворила 13 центри за податоци низ светот, а уште осум се во фаза на изградба – сè со цел да овозможи трилиони гугл-пребарувања што се извршуваат секоја година и повеќе од 400 часа видеоснимки што се поставуваат на Јутјуб секоја минута.
Побарувачката за подводни кабли ќе биде сè поголема затоа што сè повеќе компании се потпираат на складирање податоци во облак, односно cloud.
Интернетот сега е достапен и во оние делови на светот што претходно беа отсечени од светската мрежа, а Обединетите нации соопштија дека првпат на мрежата е поврзано повеќе од половина од светското население.
– Тоа во голем дел е благодарение на инфраструктурата што го овозможила тоа – вели Деби Браск, потпретседателка на компанијата „Сабком“, која управува со проектот на Гугл.
– Сите тие податоци се пренесуваат со подводни кабли.
Поврзани артикли