Во моментов, можеме да го користиме Facebook Messenger на мобилен уред и веб-прегледник, но подоцна во текот годината ќе добиеме уште една можност – преку специјализирани апликации за MacOS и Windows.
Информацијата беше објавена за време на конференцијата за програмери – F8. Појавата на нови апликации ќе овозможи полесно користење на популарната услуга за комуникации за луѓето, кои го поминуваат својот ден во канцеларија.
Од Facebook велат дека корисниците ќе можат да водат групни разговори, да соработуваат на проекти или да прават други работи додека комуницираат преку Messenger – всушност ќе имаат пристап до целосната функционалност на услугата.
Бизнис корисниците ќе добијат повеќе можности за поврзување со потенцијални клиенти, можност за креирање на реклами и други сервисни алатки, како што е закажување на посета на сервис за автомобилот или фризер.