Компанијата Uber го објави својот извештај за претстојната првична јавна понуда на акции (ИПО). Во документот има исклучително интересни податоци за трошоците за активноста на компанијата.
Во него се наведува дека за периодот 2016-2018 година Uber му платил на Google околу 58 милиони долари за користење на Google Maps. Навигацискиот софтвер е интегриран во апликацијата Uber и служи за дополнителна помош за возачите и патниците. Во документот, Uber нагласува дека Google Maps е од клучно значење за работата на услугата, и затоа високата цена е оправдана.
Се нагласува и дека, според Uber, барем во моментот не постои алтернативно картографско решение кое може да ја обезбеди истата функционалност на глобално ниво и што ќе ги покрива сите пазари на кои компанијата работи во моментов или планира да влезе.
Од документот исто така се дознава дека Uber имале приходи во износ од 7.93 милијарди долари во 2017 и 11.27 милијарди во 2018 година. Интересно е дека и покрај тоа, компанијата не само што е во загуба, но и не планира наскоро да излезе во плус, што едвај ќе ги израдува особено потенцијалните инвеститори во нејзините акции.