Еден хакер успеал да дојде до голем број на лични информации од корисници на две апликации за следење по пат на GPS, а можел дури и да го гаси моторот на автомобилите со еден допир на прст или со клик на глувчето.
„Можам да направам големи проблеми во сообраќајот низ целиот свет“, се пофалил во разговор за изданието Motherboard еден хакер кој се претставува како L&M и тврди дека има целосна контрола врз голем број на автомобили чии мотори може да ги изгаси со еден допир на прстот.
Тој го искористил пропустот во две апликации за следење на возилата со GPS, односно повеќе станува збор за невнимание на компаниите кои ги имаат развиено овие апликации и ја поставиле „основната“ лозинка 123456, и пристапил на повеќе од 7.000 сметки на корисници на апликацијата iTrack, како и на повеќе од 20.000 на апликацијата ProTrack. Освен што добил пристап до сметките, таканаречениот L & M успеал да стигне и до голем број на информации за корисниците на овие апликации, како кориснички и вистински имиња, e-mail адреси, домашни адреси и телефонски броеви. Сите овие информации може да бидат искористени за измами, а можеби и добро да се кешираат на „dark web“.
L&M можел да ги следи возилата и нивното движење во многу земји низ целиот свет, како што се Индија, Филипини, Мароко, Јужна Африка…, а со оглед на тоа дека апликацијата има можност за запирање на моторот во возење, имал можност да ги сопре истите само со еден клик на глувчето или со допирање на прстот на екранот. За среќа, за такво нешто не се одлучил, бидејќи како што вели, бил свесен за потенцијалните опасности кои може да резултираат со смртни последици
Интересно, иако од ProTrack тврдат дека немало проблеми со безбедноста, компанијата од корисниците побарала да ги променат своите лозинки. Хакерот побарал финансиска компензација за неговото откритие, но не е познато дали е навистина исплатен. L&M е задоволен со она што го сторил и вели дека корисниците сега се побезбедни затоа што ги смениле лозинките, а по овој инцидент верува дека компаниите ќе посветат поголемо внимание на безбедноста и ќе ги заштитат своите корисници.
Извор: Додај Гас
Поврзани артикли