Една студија покажува дека милиони луѓе користат лозинки кои се лесни за погодување.
Анализата која е направена од страна на Националниот центар за високотехнолошка безбедност, покажува дека “123456” е најраспространетата лозинка меѓу налозите.
Истражувањето помогнало да се установи, како недостатокот на знаење може да ја загрози безбедноста на луѓето на интернет. Од центарот велат дека за силна лозинка е најдобро да се спојат три избрани зборови кои лесно се помнат.
Во првото истражување на овој центар, анализирани се јавните бази на податоци, со цел да се утврди кои зборови, фрази и комбинации од знаци ги користат луѓето.
Втората најпопуларна комбинација е 123456789, а истата не е многу тешка за хакирање. Меѓу петте најхакирани лозинки се qwerty, password и 1111111.
Сопствениците на хакирани сметки, често за лозинка си го користеле сопственото име, презиме или датум на раѓање, имиња на бендови или спортски клубови.
“Луѓето кои користат добро познати зборови или имиња за лозинка, се доведуваат самите себе во опасност”, вели Иан Леви, кој е технички директор на Центарот.
На учесниците во истражувањата им се поставувани и прашања за навиките и стравовите кои ги имаат во врска со безбедноста на интернет.
Околу 42 отсто од испитаниците очекуваат дека ќе изгубат пари поради измами на интернет, а само 15 отсто со сигурност знаат како да се заштитат. Помалку од половина од испитаниците за мејл користат лозинка која е различна од онаа за социјални медиуми и која е доволно силна и тешко се погодува.
Експертот за безбедност на интернет Трој Хант, кој ја одржува базата на податоци за хакираните сметки, вели дека одбирањето на силна лозинка е најдобра мерка за заштита.