Петтата генерација на безжичната мрежа наскоро стапува на сцена, а светот веќе изнаоѓа најдобри начини за нејзино искористување. Што се однесува до автомобилскиот сектор, Huawei веќе тргна во акција.
Кинеската компанија, која во моментов трпи напади од САД и Европа за наводни врски со властите, на кои им помага во шпионски активности, се уште е најголемиот играч во светот во индустријата на телекомуникациска опрема.
Водечката позиција повторно е потврдена на штотуку завршениот авто салон во Шангај, каде што Huawei го претстави првиот 5G хардвер во светот, специјализиран за возилата од иднината. Станува збор за модулот MH5000 базиран на чипот Balong 5000 5G, кој компанијата го претстави во јануари оваа година.
„Врз основа на овој чип, Huawei го разви првиот светски 5G модул за автомобили, кој може да се пофали со голема брзина и висок квалитет“, соопшти кинеската компанија. „Како важен производ во областа на комуникација за идниот интелигентен автотранспорт, модулот 5G ќе го промовира влезот на автомобилската индустрија во 5G ерата“.
Хардверот на Huawei ќе обезбеди значителен развој за автомобилската индустрија. Веќе повеќе од две години, група производители на автомобили се обидуваат да ја забрзаат имплементацијата на 5G технологијата, која обезбедува практично воведување на системот на дигитално поврзани возила.
Во 2016 година, Audi, BMW и Daimler влегоа во соработка со Ericsson, Huawei и Qualcomm со цел формирање 5G автомобилска асоцијација (5GAA), која треба да резултира со производство на паметни автомобили, способни да комуницираат едни со други.
Она што се уште не е јасно е како „недоразбирањето“ на Huawei со ЕУ и САД ќе влијае на 5GAA и колку производителите на автомобили во регионот за снабдувач ќе го изберат Huawei.
Извор: Auto Republika