Онлајн-коментарите, и покрај тоа што се само зборови, може да бидат злонамерни и штетни, па така веќе имавме можност да видиме како т.н. интернет-тролови откажаа неколку познати личности од користење на социјалните мрежи. Засега останува нејасно дали ваквите злонамерни коментари некогаш целосно ќе се искоренат од глобалната мрежа, но во Австрија е поведена иницијатива да се преземе нешто во врска со тоа, пишува PC Press.
Имено, владата изготвила нацрт-закон, кој во суштина би ги направил незаконски анонимните коментари на интернет-страниците. Ваквата одредба од корисниците би барала да ги регистрираат своите вистински имиња и адреси при оставање коментар на интернет, што би требало да предизвика поголема одговорност кај оние што ги пишуваат коментарите.
Според законот, корисниците и натаму ќе може да користат јавни прекари, но во овој случај би биле регистрирани, па тоа би било олеснителна околност при следењето на злонамерните коментари сè до нивните креатори. Доколку законот биде усвоен, тој ќе се применува само на интернет-страници, кои имаат повеќе од 100.000 регистрирани корисници или кои заработуваат повеќе од 500.000 евра годишно, односно добиваат парични субвенции поголеми од 50.000 евра.