Рускиот проект на “небесен рекламен билборд” го доби првиот клиент (ВИДЕО)

На почетокот на годината го објавивме бизарниот план на еден руски стартап за објавување реклами на небото. Да потсетиме, планот на компанијата StartRocket е во Земјината орбита да лансира десетина малечки CubeSat сателити и да ги состават во формација, која би претставувала “екран” наречен Orbital Display.

Во него секој сателит би глумел еден пиксел, кој би било можно поединечно да се контролира, а сликата би се добила со огледала и рефлектирање на Сончевата светлина. Овие небески билборди би имале можност да прикажуваат по една порака околу шест минути над зададената локација.

Овој необичен концепт, кој и пред првото лансирање предизвика бројни реакции, сега го доби и првиот купувач. Рекламата на орбиталниот систем на сателити ќе ја закупи американскиот производител на храна, пијалоци и грицки, PepsiCo. Компанијата планира на овој револуционерен, но и контроверзен начин да го рекламира својот енергетски пијалок Adrenaline Rush.

Кампањата ќе има за цел да укаже на стереотипите и невтемелените предрасуди против кои треба да се борите. “Орбиталните плакати се револуција на пазарот на комуникациите. Од таа причина, безалкохолниот енергетски пијалок Adrenaline Rush на PepsiCo, како иноватор во брендирањето кој поддржува се ново и нестандардно, се согласува на ова партнерство”, порачуваат од руската филијала на PepsiCo.