Експеримент открива дали е возможен живот на Марс?

Животот на Марс, па и воопшто во вселената е возможен. За тоа сведочат експериментите спроведени на Меѓународната вселенска станица (МВС). Меѓутоа, во такви екстремни услови може да преживеат само најјаките бактерии, а сложените форми на живот немаат баш добри изгледи.

Дали има живот на Марс? Тоа е прашање што долго време ги интересира научниците и обичните луѓе. Во 2020 година руско-европски паметен робот ќе слета на Марс за да го открие конечниот одговор, но одговорот за можноста за постоење некаква форма на живот на Црвената планета веќе е најден во Земјината орбита, на МСС, каде во периодот од 2014 до 2016 година беше спроведен експеримент под името BIOMEX во кој учествуваа 30 научни институти.

Резултатите покажаа дека во екстремни услови на отворено во вселената и во амосферата на Марс може да преживеат одредени форми на живот. Стапката на преживување кај овие организми достигнува 80%.

„На МВС беше претставено цело ‘дрво на животот’. Многу древни бактерии, цијанобактерии, алги, габи, лишаи и бриофити (неваскуларни виши растенија) мораа да се борат за опстанок на МВС“, вели астробиологот Жан Пјер де Вера од германскиот Аеровселенски центар.

Експериментот даде недвосмислени резултати: сложените форми на живот се помалку способни за опстанок во такви екстремни услови.

„Бриофитите беа многу погодени. Преживеа само еден лист и не е јасно дали може да се искористи за добивање нови клетки“, вели Де Вера.

„Слични резултати добивме и со лишаите, но кога станува збор за наједноставните организми имаше пооптимистични изгледи: од едноклеточните организми преживеаја многу повеќе ‘учесници во експериментот’ – меѓу 60 и 70 %, а во некои групи до 80%“, вели тој.

Како е ова поврзано со Марс?

„На Меѓународната вселенска станица ги имитираме условите за живот на Марс за да видиме како организмите можат да преживеат во тие услови и дали од нив може да остане доволно жива материја за да може да се детектира со помош на соодветна опрема“, вели Де Вера.

„Руските космонаути Александер Кворцов и Олег Артемјев ги сместија примероците на специјална платформа на надворешниот дел од корпусот на рускиот сервисен модул на МВС ‘Ѕвезда’“, објаснува тој.

Примероците биле одвоени од отворената вселена со стакло за да не се разлетаат во просторот.

„Меѓутоа, стаклото не штити од космичкото зрачење, а на платформата имало и вселенски вакуум. Дел од примероците биле и дополнително изложени на дејство на марсовски гасови за да се изедначат условите на експериментот со вистинските услови на Марс“, истакнува атробиологот.

Експериментот BIOMEX требало да одговори на прашањето дали Марс е планета на која може да се живее и дали е можно, со помош на опрема, која наскоро ќе биде пратена на Црвената планета во рамките на проектот Екомарс, да се потврди дека таму постојат живи организми, додава тој.

Заклучокот на истражувачите е следен:

„Уште сега можеме да тврдиме дека има смисла да бараме живот на Марс, бидејќи постојат организми од Земјата што може да издржат марсовски услови, особено оние кои живеат на и во земјата. Затоа, во иднина Екомарс ќе биде опремен со алатки за бушење.“

Извор: B92.net