Парламентарниот комитет на Европската Унија одобри нацрт-закон кој предвидува казни за интернет-компаниите во висина од четири отсто од нивните приходи, доколку тие не ги отстранат терористичките содржини од своите платформи во период од еден час по известувањето од страна на надлежните институции.

Комитетот го одобри законот и покрај, како што наведе АП, огромното противење од страна на групи за дигиталните права.

Противниците на овој закон сметаат дека рокот за отстранување на содржините е премногу краток и дека компаниите ќе бидат присилени да прават грешки поради преголема внимателност и да укинуваат легитимни содржини.

Критичарите додаваат дека законот би предизвикал поголем притисок на малите интернет-компании, отколку на гигантите какви што се „Гугл“ и „Фејсбук“, кои имаат автоматски филтри на содржините.