Руската воена база со назив „Северна детелина“, лоцирана на островот Котелни, е едно од најновите воени седишта во Русија, а сместена е веројатно на најнегостољубивото место на планетата, пишува Си-ен-ен.
Комплексот во форма на детелина со три листа е во боите на руското знаме и може да прими 250 војници и доволно резерви за тие да функционираат една година, без никаков контакт со надворешниот свет.
„Северна детелина“ се опкружена со пејзаж од заслепувачка бела боја и е поблиску до Алјаска отколку до Москва. Таа е една од трите нови руски бази што се дел од проектот на Путин кој сака да ја утврди својата воена сила на арктичкиот брег. Руската армија соопшти дека во изминатите шест години има изградено 475 воени локации кои се протегаат од западната граница на Русија до Беринговиот Проток на исток.
Руската Северна флота е стационирана во базата од 2016 година. Воениот персонал не мора да се соочи со суровите временски услови во Арктикот, освен ако не е на должност надвор од објектот.
Базата е веќе опремена со крајбрежни одбранбени ракетни системи и ракетен систем со среден дострел со назив Pantsir, кој е приспособен на арктичките услови и може да функционира на температури до -50 Целзиусови степени.
Основната функција на „Северна детелина“ е заштитата на руските интереси во областа што бргу станува геополитичка точка на фокус меѓу земјите што имаат право на арктичките области.