Враќањето на американските астронаути на Месечината, кое е најавено за 2024-та година, треба да го подготви доаѓањето на првите луѓе на Марс во 2033-та година, рекол шефот на НАСА, Џим Бриденстин.

„Сакаме да слетаме на Марс во 2033-та година“, рекол директорот на НАСА, на сослушувањето на американскиот конгрес.

„Слетувањето на Марс можеме да го унапредиме така што ќе го унапредиме слетувањето на Месечината. Месечината е тест полигон“, додал поранешниот републикански претставник, именуван од Доналд Трамп.

НАСА е под притисок од минатата недела, кога американскиот претседател, преку својот потпретседател Мајк Пенс, за четири години го скратил временскиот план за враќање на Месечината, од 2028-ма на 2024-та година, што би била последна година од вториот мандат на Трамп, доколку го освои.

Мисијата на Марс ќе трае најмалку две години, бидејќи само за лет до Црвената планета, потребни се шест месеци, а летот на Месечината трае три дена.

Летот и враќањето од Марс е возможен само кога планетата е на иста страна со Сонцето, како и Земјата, што отприлика се случува на секои 26 месеци и ќе се случи во 2031-ва година, па потоа 2033-та година и тн.

На прашањето на претседателот на одборот за наука, Еди Бернис Џонсон, колку вкупно ќе чини сè, член од НАСА рекол дека ќе ги извести до 15-ти април.

Извор: B92.net