Во текот на 2016. година, Huawei постави цел да го престигне Apple во текот на 2019. и Samsung во 2021. година. Компанијата успеа да ги надмине сопствените прогнози, станувајќи втор светски производител на паметни телефони во август минатата година, со што Apple беше потиснат на третата позиција.

Кинескиот гигант ја заврши 2018. година со уривање на сопствените рекорди и продажба на преку 200 милиони телефони. Поради сето ова, не чуди што Huawei цели и на првата позиција на полето на смартфони, нешто што CEO на компанијата, Ричард Ју го објави во текот на минатата година.

Во неодамнешно интервју, Ју сега истакнува дека Huawei би можел да ја постигне доминацијата уште во текот на 2020. година. Според неговите зборови, главна конкуренција и натаму остануваат Samsung и Apple, бидејќи овие две компании можат да донесат иновации на пазарот.

“И натаму постојат голем број корисници кои се во потрага по достапни телефони со многу добри функции. P30 што сега го претставивме е за масовниот пазар, додека Mate X е само за одредени топ корисници”, истакна Ју.

Huawei веројатно ќе ја копира тактиката од 2018. година, со својата P30 линија, претстојната Mate 30 серија и останатите уреди од средниот и долниот сегмент. Меѓутоа, годинава Mate X веројатно ќе го обележи почетокот на нова ера за Huawei, бидејќи компанијата планира во иднина да објави уште флексибилни теелфони, кои ќе бидат подостапни.