Најеклатантен пример за користење на технологијата за добро се Паметните градови. Не без причина, бидејќи градовите посветени на иднината им пружаат многу интересни и корисни можности на своите жители.
Никола Бурагев
Паметен град е генерички израз кој има многу различни дефиниции. Во основа, тоа се градови кои пробуваат да ја користат модерната технологија за да го подобрат квалитетот на животот на своите жители, и за да го направат поефикасно управувањето со градот. Во овие комплексни програми, изразито нагласени се одржливоста и заштитата на околината, поради што важна улога играат податоците кои ги собираат IoT (Internet of Things) уредите.
Денес, дури 50 проценти од светската популација живее во градовите, а се очекува дека до 2050. година, бројот на жители во градовите речиси ќе се удвои. Европскиот континент е еден од најурбанизираните и според истражувањата, во следните четири децении, дури 84 отсто од неговата територија ќе биде урбанизирана.
Користењето на IT решенија во различните области на урбанизација, како транспорт, енергија, изградба на инфраструктура е клучно за одржливоста и квалитетниот живот во големите градови. Идејата на паметни градови е присутна во целиот свет, со цел градовите да се трансформираат во поинтелигентни и поефикасни урбанистички целини, кои ќе им дадат видливи бенефити на своите жители.
„Smart Santander“ е проект организиран во рамките на FP7 рамковната програма на Европската Унија на кој работи 15 научно-истражувачки организации и големи светски компании заедно со институциите на Европската Унија. Ericsson како еден од носителите на овој проект работи на креирање и поставување на различни сервиси во градовите, засновани на „Internet of Тhings“ визијата, односно мрежата на сензори и уреди кои комуницираат со корисниците преку интернет.
Еден од примерите кај нас е решениeто за паметен дом кое ги вклучува паметните сензори, сијалиците и безбедносната камера, а кое е овозможено од Xiaomi и отсега е достапно во понудата на Македонски Телеком. Паметните домови стануваат составен дел од модерното живеење денес, едноставно затоа што го прават животот побезбеден и подобар. На пазарот секојдневно се појавуваат нови решенија, а овој тренд се очекува наскоро да стане секојдневие и во нашите домови.
Паметна архитектура и инфраструктура
Градежните инженери ширум светот се почесто бараат начини како да ги вградат IoT уредите и решенија во својата инфраструктура, за да ги намалат трошоците и да го подобрат квалитетот на своите градби. Неодамнешните истражувања од „Daintree Networks” покажаа дека речиси 60 одсто од градежните инженери се запознаени со IoT системот, а дури 43 проценти од нив сметаат дека IoT ќе обликува и одредува како ќе ги градат своите згради во наредните две до три години.
Една од областите за масовно подобрување е унапредување на осветлувањето. Идејата е да се премине на LED светилки, за да се заштедат пари и енергија, а друга област се лифтовите. IBM направи истражување, во кое е истакнато дека жителите на Њујорк трошат 22,5 години, чекајќи лифтови. Како резултат, „Allied Market Research” очекува дека пазарот на паметни лифтови ќе ја удвои својата вредност, од 12 милијарди долари во 2015. година на 23 милијарди во 2020.
Убедливо најголема примена на паметната архитектура и инфраструктура е во паметната мрежа, која помага во огромна мерка во зачувување на ресурсите. Во Амстердам, на пример, експериментирано е со единиците за складирање на куќна енергија и соларните панели за домаќинства кои се поврзани со паметната мрежа во градот. Овие единици го намалувале оптоварувањето на мрежата во часовите кога се троши најмногу енегргија, така што жителите ја складирале енергијата во текот на помирните часови. Соларните панели, исто така, им овозможиле на жителите да ја проддат собраната резерва енергија назад на мрежата.
Проекти на паметните градови и IoT апликации
Европа е водечка по прашањето на развој на паметните градови, а Амстердам е само еден пример од многуте во Европа. Европската Унија беше проактивна во поттикнувањето на земји кои се нејзини членки, да развиваат паметни градови, а европската комисија за таа цел издвои дури 365 милиони евра. Големиот напор кој е вложен, веќе почна да дава резултати.
Париз стартуваше програма на делење на електричниот автомобил наречен ”Autolib” во 2011. година, а неговиот возен парк денес брои околу 3000 возила. Поврзаните возила можат да бидат следени преку GPS, а возачите можат да користат табла со возила за да резервираат место однапред.
Властите од Лондон најавија дека оваа година ќе почнат со тестирање на смарт паркинг проектот, кој ќе им овозможи на возачите брзо да пронајдат паркинг место. Ова исто така ќе влијае на намалување на гужвата во сообраќајот. На лондонскиот аеродром Хитроу, личните транспортни дронови ги превезуваат патниците од терминал до терминал.
Во меѓувреме, Копенхаген почна да користи сензори за следење на градскиот велосипедски сообраќај, кои пружаат значајни информации за следење на подобрувањата на велосипедската рута во градот, што е од клучно значење со оглед на тоа што повеќе од 40 одсто жители патуваат секој ден со велосипед.
Во Амстердам ширум градот се поставени сензори кои ги следат слободните паркинг места и ги делат собраните податоци на посебен портал кој се нарекувa Dataportaal. Во Стокхолм можете да пронајдете напредни канти за ѓубре кои се вмрежени и испраќаат известувања кога е време да се испразнат. Во Барселона, дождовните сензори ги сопираат непотребното залевање на градските паркови, а во изминатите неколку години е изграден огромен број на нови градски пристапни WiFi точки.
Виена ја следи официјалната градска стратегија на паметен град од 2014. година, фокусирајќи се на енергетската ефикасност и со тоа подигнувајќи го квалитетот на животот. Еден од нивните споредни програми, под името Power-2-Heat ја користи непотрошената електрична енергија за греење на околу 20.000 домови. Проектот WAALTeR со користење на дигитални услуги и уреди им помага на постарите лица, додека Wien gibt Raum на големо ја олеснува резервацијата на јавните места.
Најпаметни градови во Америка и во Азија
Постојат неколку американски градови кои се борат за титулата „најпаметен”. Еден од нив е калифорнискиот град Пало Алто, кој со околу 70.000 жители е пионер на дигитализацијата – на пример, целата содржина на нивната библиотека е достапна онлајн. Нудат околу 50 различни услуги преку интернет, а имаат и сестрана интерактивна платформа за пријавување на било какви проблеми.
Семафорите во Чикаго сами се гасат или ја намалуваат јачината на светлото во зависност од временските услуги. Тоа е затоа што Чикаго се потпира на проектот Array of Things. Имаат поставено голем број сензори ширум градот, кои мерат се – од густината на сообраќајот од квалитетот на воздухит, за да соберат што повеќе податоци за успешно управување со градот.
Ни Њујорк не заостанува, бидејќи почна да ги следи шаблоните на развој на криминалните активности со користење на базата на податоци. Поставувањето на LinkNYC дигитални станици е исто така одлична иницијатива. Со поврзување со овие мултимедијални терминали, како старите телефонски говорници, можете да извршувате бесплатни повици, да го дополните вашите уреди и да барате различни информации или мапи на дисплеите од 55″.
Кина исто така има многу интересни примери. Вештачката интелигенција секојдневно им помага на десет милиони жители на градот Хангжоу во текот на сообраќајот, па дури ни следењето на сообраќајните несреќи и застои во сообраќајот повеќе не е предизвик за раководителите на тој град. Од лансирањето на апликацијата City Brain, просечната брзина на сообраќајот порасна за дури 15 проценти во некои области, што само ја докажува ефикасноста на следењето на сообраќајот во реално време.
Во автобусите на градот Јинчуан, патниците можат да платат со користење на идентификација на лицето, а некои хотели користат сличен метод при пријавувањето. Холограмот со кој се сретнувате при влезот во градската куќа, исто така, не е баш обичен. Тој (односно таа) им пружа добредојде на посетителите и подготвена е да одговори на сите нивни прашања.
Поврзани артикли