Парламентот на ЕУ денеска гласаше да се укине летното и зимското сметање на времето почнувајќи од 2021 година, пренесува „Спутник“.
Според предложениот амандман, владите што планираат трајно да останат во летно сметање на времето треба да ги наместат своите часовници во последната недела во март 2021 година, а оние што го претпочитаат зимското сметање на времето треба да го наместат часовникот на последната недела од октомври 2021 година.
Идејата за заштеда на енергија со менување на времето на часовникот беше спроведена во Германија во 1916 година, а подоцна и во многу други европски земји. Во моментот 64 земји во светот користат летно/зимско сметање на времето.
Во Македонија летното сметање на времето е воведено во 1983 година кога таква одлука била донесена на ниво на тогашната Сојузна Федеративна Република Југославија. Во независна Македонија подоцна во 1996 година менувањето на летно и зимско сметање на времето е утврдено и со Законот за сметање на времето. Од тогаш, во согласност со законот, и Владата на седница носи одлука кој ден точно треба да се поместат стрелките.