Како изгледал првиот телефонски повик?

Пред интернетот главната точка на човечката комуникација на далечина бил телефонот, кој постои и денес, но сè помалку личи на својот фиксен роднина, а сè повеќе на мал пренослив компјутер чија функционалност постојано еволуира. До подемот на интернетот токму телефонот претставувал технологија што најбрзо се трансформирала. Првиот успешен телефонски повик се случил на 10 март 1876 година, а го извршил Александар Грејам Бел.

– Господине Вотсон, дојдете тука, сакам да ве видам – се првите зборови изговорени во телефонската слушалка, а биле дел од разговорот меѓу Бел и неговиот асистент, кој се наоѓал во соседната просторија.

Бел, како и неговиот татко пред него, најголем дел од кариерата го поминал во проучување на човечкиот глас и говор. Така, во еден момент се заинтересирал и за систем на пренесување глас на далечина, што во тоа време бил опишан како „вокален телеграф“ и врз основа на тоа со инженерот Томас Вотсон го создал првиот телефон.

Двајцата научници во јуни 1875 година успеале да пренесат гласовни вибрации од еден приемник на друг, но зборовите биле непрепознатливи иако било јасно дека станува збор за човечки глас.

До март 1876 година системот доволно напредувал, така што Бел верувал дека е подготвен за пренесување разбирлив човечки глас, а тоа се случило на 10 март. Шест месеци по успешниот повик, Бел го тестирал и првиот разговор на далечина, кој се одвивал меѓу приемници оддалечени повеќе од 3 километри.

Во тој момент телефонската технологија сè уште била далеку од модерниот систем за комуникација, но биле поставени првите стабилни темели, што подоцна на луѓето им овозможиле да се слушаат и на голема далечина.

Извор: B92.net