Со награди и признанија се вратија учениците од Кочани и Скопје, кои беа дел од двете македонски екипи на регионалниот натпревар по роботика од Адриа лигата во Словенија.

На финалното натпреварување од Првата Лего лига, што се одржа во градот Целје, тимот „Robo adventures“ од ОУ „Св. Кирил и Методиј“ од Кочани, предводени од наставниците-ментори Наде Давиткова и Сузана Анева, го освоија пехарот „Успеавме“.

Тимот „Space walkers“ од СТЕМ Академијата од Скопје, заедно со тренерите Александра Митревска, Васко Ашкапов и Ангела Зафировска, го освоија пехарот „Нај фаци”.

– Задоволни сме од учеството и постигнатото на натпреварот, на кој отидовме со мото дека и покрај тешкотиите, ако не се предаваме, можеме да ги надминеме и големите предизвици, што на крај ни го донесе и успехот. Учениците имаа само две недели да се подготват, па иако во однос на другите екипи имаа постар и послаб робот, го надградија и го добија признанието. Клучен фактор за успехот е тимската работа, а учениците од натпреварот се вратија со огромна мотивација и инспирација да продолжат со активностите, истакна Сузана Анева, наставник-ментор на екипата од Кочани.

На регионалниот натпревар од Адриа лигата учествувале вкупно 30 екипи, односно освен македонските, присутни биле и ученици од Словенија, Хрватска и Србија.

Темата на натпреварот била со назив „Во орбитата“, а учениците од Кочани работеа на проект за автоматизирано роботско чистење на вселената од вселенски отпадоци.