Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, се обрати на отворањето на Неделата на роботика – „Робомак 2019“.
Во рамките на Неделата на роботиката ќе се реализираат низа активности наменети за најмладите – учениците во основните училишта, за средношколците и за студентите од сите факултети во државата и од странство. Истата ќе заврши со финалниот натпревар на Робомак, кој ќе се одржи на 23 март во Домот на АРМ со почеток во 18 часот.
Како што истакна Манчевски, ваквиот вид настани и натпревари се одлична можност и корисно искуство, како дополнителен мотив за уште повеќе млади луѓе да ја засакаат оваа наука и постојано да се вложуваат.
„Северна Македонија е мала земја, но младите луѓе се нашиот ресурс, нашата иднина. Само со вложување во вас, со давање можности да се надградувате себеси, со обезбедување услови да се развивате и стекнувате нови вештини, ние како држава можеме да бидеме конкурентни и да имаме со што да се претставиме пред светот“, рече министерот.
Настанот е во организација на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, по повод 10 години од организирање на познатата манифестација „Робомак“ и 60 години од постоење на ФЕИТ.
Со оваа активност Факултетот има намера да ја подигне свеста за роботиката во земјава и да ги заинтересира најмладите да се вклучат во проучување на оваа област, да ги мотивира средношколците да се запишат на техничките факултети и да покаже дека освен теорија, на факултетите се работат и практични активности.
Поврзани артикли