Тел Авив ги презеде првите чекори кон обезбедување помош за пешаците кои не тргаат поглед од нивните паметни телефони, со вградување на ЛЕД стоп-светла на пешачките премини.

Во понеделникот општината инсталирала т.н. „зомби-семафори“ за да ги минимизира несреќите меѓу возилата и невнимателните пешаци на пешачките премини, објави агенцијата АП.

Томер Дрор, шеф на одделот за управување со сообраќај во општината Тел Авив-Јафа, вели дека целта е да се намалат несреќите предизвикани од пешаците кои се премногу фокусирани на своите паметни телефони, а помалку на случувањата и сообраќајот околу нив.

Слични системи веќе се користат во Австралија, Сингапур и Холандија.

Засега, пилот-програмата е ограничена на една крстосница во централниот дел на Тел Авив, но од општината велат дека ќе ги прошират „зомби-семафорите“ доколку се покажат како ефикасни.