САД планираат во август да ги изведат првите тестирања на крстосувачки ракети, кои пред повеќе од 30 години беа забранети со Договорот за нуклеарно вооружување со среден дострел, тврдат неименувани претставници на американската одбрана.

Администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп, во февруари го суспендираше своето членство од договорот, што, од правен аспект, даде простор да започнат плановите за тестирање на „ненуклеарни проектили“ во август, пренесува агенцијата АП.

Вашингтон до август би требало да се повлече од договорот потпишан во 1987 година, со кој се забранува тестирање и распоредување на ракети со среден дострел, кои се лансираат од земјата.

Демократите во Конгресот го доведоа во прашање тоа колку е мудро САД да се повлечат од договорот, но се согласуваат со обвинувањата дека Русија го прекршила споразумот, со, како што велат, распоредување на крстосувачки ракети кои може да погодат американски сојузници во Европа.

По одлуката на САД и рускиот претседател Владимир Путин го прекина учеството на Москва во Договорот за нуклеарно оружје со среден дострел.