Комуникациската технологијата може да направи нешто големо, прекрасно и човечко – да го направи светот уште подобар!
Некои велат дека технологијата е благослов; други пак дека е проклетство. Кој е во право? Би рекле и едните и другите. Доколку добро размислиме можеме брзо да дојдеме до заклучок дека: Технологијата може да предизвика рак, Но со помош на технологијата можеме и да ја излечиме оваа болест. Значи, веќе не е важно прашањето дали технологијата е добра или лоша, туку се повеќе се наметнува одлуката што да правиме со технологијата која што е важна.
Веќе не се поставува прашањето дали децата треба да имаат мобилни телефони или компјутер, туку како ќе ги користат. Како технологијата да се искористи за добри цели, да го олесни учењето на децата, да овозможи визуелизација на нештата и подобро совладување на предметите, да ги поврзе оние кои не се поврзани, да ги отвори хоризонтите и можностите на бизнисите, да ја олесни комуникацијата за подобри пријателства, за подобар и поквалитетен живот. Да ни овозможи личен и професионален развој, и можност да бидеме покорисни и попродуктивни.
На пример, една средовечна жена, која го поминала најголемиот дел од својот живот без слух, сега може да стави микро имплант што ќе и овозможи да слуша за прв пат по децении.
Исто така, дете кое се лекува од рак и не може да посетува училиште, денес преку компјутер со вградена видео камера и интернет може да се поврзе со своите соученици и да присуствува на час. Денес благодарение на комуникациската технологија можеме да управуваме робот на Марс, или едноставно да ја подесиме машината за перење, сама да се вклучува во моментот кога ќе прими информација дека има евтина струја.
Mинатата недела, во Барселона беше изведена првата хируршка операција на далечина со помош на 5G. Докторот кој ја водеше операцијата им даваше совети и техничка помош на тимот лекари на оддалеченост од 5 километри од болницата. 5G овозможи пренос со доцнење од 0,01 секунда, наспроти 0,27 секунди со 4G мрежата, која сега се користи во светот.
Конкретно за овој случај, но и за состојбата кај нас, разговаравме со научниот соработник д-р Огнен Ивановски – хирург-уролог при Универзитетската Клиника за Урологија во Скопје: „Развојот на технологијата е тесно поврзан со модерната хирургија, која како научна област повеќе е напредната последните 15 отколку во последните 150 години. Особено се големи очекувањата од 5Г технологијата која ќе овозможи брз развој и модерната медицина да биде достапна во секој агол од земјината топка и тоа во реално време!.
Со 5Г технологијата, хирурзите не само што ќе можат да менторираат одредена хируршка процедура од дистанца, туку ќе можат истата практично да ја изведат. Можностите ќе бидат неограничени за многу кратко време, со енормни социјални и здравствени придобивки за целото човештво.“, вели др. Ивановски.
Како доктор по медицински науки на Шестиот Париски Универзитет „Пиер и Марија Кири„ / „Pierre et Marie Curie“, рангиран во првите 100 на Шангајската листа на најдобри факултети во светот, како и во првите десет во светот по инвентивност и креативност, пристапот до современата технологија за него важи уште од студентските денови. Но, со доаѓањето во Македонија неговите професионални ангажмани продолжуваат да се во блиска корелација со технолошките комуникациски придобивки.
Тој вели: „Неопходно е да бидете во тек со светските медицински трендови, а посетите на најпознатите светски семинари и доусовршувања одземаат многу време што не оди рака под рака со обврските како хирург. За среќа, денес, јас и моите колеги можеме да ги следиме онлајн светските конгреси и семинари преку таканаречениот WEBCAST и виртуелно да присуствуваме на истите и да поставуваме прашања од удобната фотелја во дневната соба. Можностите одат до таму што многу едноставно можете да направите преглед на претходни состаноци од изминатите години, или пак доколку пребарувате нешто конкретно, тоа се прави со неверојатна леснотија. Потоа тука се и онлајн курсевите кои ни помагаат за доусовршување на хируршките вештини и користење на youtube и други едукативни видео портали како websurg.“ вели Ивановски.
Така, на пример, едукативен канал на д-р Огнен Ивановски со наслов: „Reconstructive urology educational videos/Едукативни видеа за реконструктивната урологија за неполни две години успеа да достигне до 56.392 прегледи и 242 претплатници, претежно специјализанти по урологија, по хирургија, уролози, хирурзи, студенти и пациенти.
„Интересно е што на овој канал вие имате детална демографски и географски преглед и статистика на гледаноста. Како за пример, најголема фрекфенција на мојот канал бележам во САД (933 минути=15 саата и 32 минути и во Индија (1030минути=17 саата и 9 минути). Од вкупните посети 88 % биле мажи претежно од 35 до 44 години и 12 % жени. 106069 минути вкупна гледаност, а 987 пати било шернувано моето видео.“
Ова се само неколку примери како користењето на модерната технологијата може да направи нешто големо, прекрасно и човечко – да го направи светот уште подобар!. Има буквално безбројни приказни за тоа како технологијата помага светот да стане похуман.
Сведоци сме на невидена еволуција во медицината, на иновации, Се оди брзо, напред, и веќе не се поставува прашањето дали треба да ја користиме технологијата.
Треба само да научиме да ја користиме за добро!