Израелскиот вселенски брод Bereshit што лета кон Месечината ја испрати првата селфи фотографија на која се гледа знамето на Израел, на оддалеченост од 37.600 километри од Земјата.

На плочата поставена на леталото под знамето пишува „Народот на Израел живее“ и „Мала земја, големи соништа“, а во позадина се гледаат Јужната хемисфера на Земјата и Австралија.

Селфито беше направено откако минатата недела беше изведен клучниот маневар, откако претходно беше забележан дефект на компјутерот.

Леталото беше лансирано пред две недели од Кејп Канаверал на Флорида, на ракетата Falcon 9 на приватната компанија SpaceX на Елон Маск.
Ако мисијата биде успешна, Bereshit ќе биде запаметен како првиот приватен вселенски брод што слетал на Месечината и прв за Израел.

Леталото веќе го надмна израелскиот рекорд во брзина, движејќи се со 10,5 километри во секунда, изјави Офер Дорон, генералниот директор на Одделението за вселена во Воздушната вселенска индустрија на Израел.

Bereshit ќе кружи околу Земјата во сѐ пошироки и пошироки кругови додека не биде зафатен од Месечевата тежа и не влезе во Месечевата орбита. Слетувањето е планирано за 11 април.