Концептот на социјална мрежа во голема мера го губи своето значење – бидејќи наместо да се поврзуваат со пријателите, за многумина Фејсбук и Инстаграм станаа платформа за себепромоција, пишуваат странските медиуми.
Така, на инфлуенсерите воопшто не им се важни следачите и пријателите, туку само парите што можат да се заработат преку социјалните мрежи. Од друга страна, голем број луѓе го игнорираат реалниот живот поради нивниот виртуелен живот, додека нивните погледи и мисли се фокусирани на екранот и лајковите што ги добиваат.
Меѓутоа, една социјална мрежа се разликува од повеќето други платформи по начинот на употреба – а тоа е Pinterest.
Нејзиниот основач, Бен Силберман, вели дека Pinterest е сосема поинаква од конкуренцијата, односно дека таа е еден вид на анти-социјална мрежа.
Pintrest е мрежа во која корисниците испраќаат фотографии, инфографици и слични постови. Поентата на мрежата е, како што вели нејзиниот основач во интервју за CNN, да ги инспирира корисниците да бидат креативни. Корисниците не треба да ја изразат својата креативност на Интернет, туку офлајн – така што во Pinterest ќе најдете рецепти, идеи за уредување куќа или стан, за организација на свадби или слично.
Во фокусот на мрежата е самиот корисник и неговите лични интереси, па затоа на Pinterest нема инфлуенсери кои се плаќани од страна на разни брендови за промоција на нивните производи и услуги. Исто така, не е важен ниту бројот на следбеници, ниту пак следењето на познати личности, бидејќи Pinterest воопшто не функционира како алатка за самопромоција. Сè се врти околу самите корисници и она што тие навистина го сакаат.