Airbus го прекинува производството на „суперџамбо А380“ (ВИДЕО)

Најпознатата компанија за производство на авиони, Airbus, денеска објави дека повеќе нема да го произведува моделот „суперџамбо А380“, поради недостаток на нарачки за истиот.

Најголемиот патнички авион во светот, моделот „суперџамбо А380“, бележи опаѓачка побарувачка и неговото производство ќе биде запрено во 2021 година, токму од таа причина.

Од компанијата изјавија дека ова е „болна, но потребна одлука“, на која влијаеше намалената нарачка од страна на најголемиот купувач на „суперџамбо А380“ авионите – авиокомпанијата Emirates. Претходната нарачка на Emirates броеше 53 летала, а последната нарачка е намалена на само 17, со објаснување дека трошоците за летање и одржување на овој модел се неисплатливи дури и за најголемите компании.

Наместо „суперџамбо А380“, Emirates ќе нарача 70 од помалите модели A330 и A350 – одлука која укажува на фактот дека како што поминува времето, повеќе авиокомпании ќе се фокусираат на мали, поефективни авиони. И да, тоа значи дека најголемите патнички авиони полека ќе бидат истиснати од пазарот.

Експертите сметаат дека откажаното производство на „суперџамбо А380“ ќе резултира во отпуштање на 3.500 вработени од фабриките на Airbus, од кои 300 доаѓаат од погонот во Броутон, каде што се произведуваат крилјата на авионот.