Веќе некое време е познато дека компанијата Rolls Royce упорно работи на развивање на електричен систем на пропулзија, со надеж дека така ќе креира нова генерација на еколошки авиони. Компанијата се здружи со брендовите Airbus и Siemens, со цел заедно да го развијат E-Fan X хибридниот авион, додека со брендот Aston Martin работи на својот Volante Vision VTOL концепт, кој е претставен на саемот Farnborough International Airshow.
Но сега, Rolls Royce ги открива своите планови за конструирање на потполно електричен авион, кои делумно се финансирани од страна на британската влада, а делумно во соработка со британските компании YASA и Electroflight.Развиен под проектно име ACCEL, новиот авион освен според револуционерноста во погонот, може да се пофали и со одличен дизајн и со амбицијата да достигне брзини поголеми од 480 километри на час.
Главниот проблем кој ги мачи сите производители на електрични авиони се сведува на зголемување на опсегот и брзината, што бара поголема моќност, односно доведува до проблеми со зголемување на тежината. Со цел да се изборат со сите овие предизвици, ACCEL ќе користи најмоќни пакувања на батерии кои било кога се креирани. Тоа ќе му даде прилика да достигне максимална излезна моќност, додека самиот авион ќе има домет од 321 километар, што е доволно за лет од Париз до Лондон. Rolls Royce очекува ACCEL да биде готов до 2020 година.