Instagram објави дека ги забранува сите фотографии од самоповредување на својата платформа како дел од напорите за „поддршка и заштита на најранливите“ корисници.
Овој потег доаѓа откако таткото на британската тинејџерка Моли Расел изјави дека сајтот е делумно виновен за нејзиното самоубиство во 2017 година. Тој објасни дека по смртта на 14-годишната тинејџерка, семејството нашло вознемирувачки фотографии поврзани со самоубиства и депресија на нејзиниот Instagram профил.
„Нема да дозволиме никакви слики од самоповредување, како што е сечењето, на Instagram – дури и ако тоа претходно би било дозволено“, рече претседателот на Instagram, Адам Мосери во четвртокот.
Претходната политика на Instagram дозволуваше вакви слики во случаи на луѓе кои споделуваат признанија за самоповредување со надеж дека ќе им помогнат да ја добијат поддршката што им е потребна.
Но, неодамна компанијата рече дека треба да „направи повеќе и да го земат предвид ефектот на овие слики врз другите луѓе кои би можеле да ги видат“.
Мосери додаде дека онаа содржина поврзана со самоповредување како што се заздравените лузни, нема да биде прикажана во табулаторот за пребарување и нема да биде препорачана од страна на сајтот, но ќе може да се објавува.
„Не го отстрануваме овој тип на содржина целосно, бидејќи не сакаме да ги стигматизираме или изолираме луѓето кои можеби имаат проблем и објавуваат содржини поврзани со самоповредување како крик за помош“, објасни Мосери.
Поврзани артикли