Кога астронаутите од “Apollo 14” земале камења од Месечината и ги донеле на земјата, можеби притоа на нашата планета го вратиле и најстариот дел од нашиот планетарен дом, пишува “The New Scientist”.
Парчето гранит пронајдено на Месечината би можело да биде прв доказ дека камењата од Земјата може да завршат на друго место во вселената. Тоа парче карпа исто така би можело да биде една од најстарите карпи од нашата планета која досега сме ја пронашле, и на Земјата, и во вселената.
Карпите кои некој друг објект ќе ги исфрли од Месечината, од време на време завршуваат на Земјата во облик на метеорит, поради што е логично да може да се случува и обратното.
“Земјата ја погодиле многу големи објекти, па можно е при ударот да исфрлат материјал доволно далеку што ќе ја избегнат Земјината гравитација и ќе дојдат до Месечината”, рекол астрофизичарот Вилијам Ботке од институтот Southwest Research Institute” во Колорадо.
Џереми Белучи, од шведскиот Природнонаучен музеј, и неговите колеги пронашле еден таков објект, мало парче гранит кој се наоѓал во камен од Месечината, кој го довеле астронаутите на НАСА од мисијата “Apollo 14”.
Научниците ги анализирале хемиските и физичките својства на кристалите во парчето гранит за да утврдат како настанале. Откриле дека кристалите се формирале во окружение полно со кислород и на необично високи температури и високи притисоци на Месечината.
“За да можел да се формира на Месечината, морал да се наоѓа на длабочина од 167 километри”, рекол Белучи. “Дури и удар на некое масивно тело во површината на Месечината, не би можело од таа длабочина да ја исфрли карпата во вселената”, додал тој.
Сличен на камењата од Земјата
Иако е можно карпата да се формирала на Месечината под многу необични околности, наједноставно објаснување, смета Белучи, би било дека каменот дошол од Земјата, бидејќи според својот состав е многу сличен на камењата кои се формираат на нашата планета.
Со оглед на тоа дека овој метеорит од Земјата настанал многу одамна, веројатно пред четири милијарди години, би можело да станува збор за една од најстарите карпи од нашата планета која сме ја пронашле, и ова откритие би можело да покаже како изгледала површината на земјата многу брзо по нејзиното настанување, пред некои 4.5 милијарди години.