Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, денеска го потпиша договорот со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за заем во вредност од 10 милиони евра за набавката на нови еко-автобуси на гас во Скопје. За оваа цел ќе бидат обезбедени и дополнителни 1,8 милиони евра од ЈСП и грант од 1,1 милион евра за техничка соработка при подготовката на проектот. Со потпишувањето на овој договор и официјално почнува постапката за набавка на 35 еко автобуси кои ќе бидат вклучени во јавниот превоз најдоцна до почетокот на идната година.

„Ова е прва набавка на автобуси за ЈСП Скопје после 7 години што претставува релативно долг временски период кога е во прашање обновата на возниот парк на ЈСП. Очекувам дека од крајот на оваа, најдоцна почетокот на идната година по скопските улици ќе се возат нови еко автобуси на еколошко гориво, со ЦНГ технологија на компримиран гас со ЕУРО 6 стандард на загадување. Овие автобуси ќе ги исфрлат од употреба старите дотраени дизел автобуси на ЈСП, со ЕУРО 2 стандард, без клима и дополнителна опрема“, рече Шилегов.

Тој појасни дека голем дел од автобусите ќе бидат нископодни зглобни – дводелни, а преостанатите ќе бидат нископодни единечни. Зглобните автобуси ја имаат таа предност што имаат капацитет да превезуваат речиси двојно повеќе патници од двокатните и многу побрзо патниците да влегуваат и излегуваат од автобусите, со што ќе се намали времето потребно да се стигне до конкретна дестинација во градот.

Шилегов рече дека одлуката за набавка на ваков тип автобуси ја донеле по спроведените тест возења на 3 различни модели на автобуси на гас и еден електричен автобус во текот на минатата година. Како што посочи, резултатите од овие тест возења покажале дека ваквиот тип на автобуси се еколошки, енергетски ефикасни и економски исплатливи.