Прегревањето е една од најголемите закани за преносните компјутери бидејќи може да ги оштети чувствителните компоненти и да нанесе трајна, а можеби и непоправлива штета.
Како ќе знаете дали вашиот лаптоп се прегрева? Ако го слушате вентилаторот како постојано работи со максимален капацитет, тоа е знак дека нешто не е во ред. Исто така, може компјутерот побавно да работи бидејќи процесорот ќе го намали својот работен такт за да го избегне наглиот раст на температурата, а понекогаш вградените софтверски решенија изненадно ќе го исклучат компјутерот со цел да се избегне оштетување на хардверот.
Температурата во лаптопот можете да ја следите со помош на алатки како што е HWMonitor, која воедно ќе ви открие и кој дел од компјутерот се прегрева. Обично тоа е процесорот или графичката картичка.
Како доаѓа до прегревање?
Наједноставното објаснување е: нема доволно ладење. Но, тоа и не е баш од помош, нели? Еве што може да доведе до послабо ладење.
На пример, можно е прашина или нешто друго да ги затнало каналите кои компјутерот ги користи за да се внесе воздухот потребен за ладење и да се испушти топлиот воздух. Можно е вентилаторот да не функционира како што треба или да попуштила термалната паста меѓу одводот на топлина и процесорот, односно графичката.
Како можете да го спречите прегревањето?
1. Поправете го системот за ладење
Најпрвин исчистете го вентилаторот кој ги лади процесорот и графичката. Со тек на време на нив се собираат слоеви прашина и нечистотии кои го забавуваат и блокираат текот на воздухот. Прочитајте го упатството за вашиот лаптоп за да видите како можете да го отворите и да ги исчистите деловите. Сепак, најсигурно е тоа да му го доверите на овластен сервисер.
Доколку се одлучите за самостојно чистење, следете ги овие чекори:
-исклучете го компјутерот;
-извадете ја батеријата (ако е можно);
-внимателно исчистете го вентилаторот со чепкалка потопена во малку чист алкохол;
2. Држете го лаптопот на цврста и рамна површина
Повеќето преносни компјутери го вовлекуваат воздухот низ отвори сместени на долниот дел. Нерамните површини, како перница или слично, ќе го запрат текот на воздухот, што ќе го отежни ладењето и ќе доведе до зголемено загревање. Тоа може да се избегне ако лаптопот стои на цврста и рамна површина, на пример маса или, пак, посебна подлога за таквиот вид компјутери.
3. Набавете разладувачки уред за лаптопот
Ако вашиот лаптоп вшмукува воздух преку решетки сместени на долната страна, купете си разладувачки уред кој испушта ладен воздух нагоре. Можете да си купите и пасивен уред за разладување кој не троши енергија, туку впива топлина.
Извор: Tportal.hr
Поврзани артикли