Овие денови на Kickstarter почна уште една crowdfunding кампања. Овој пат целта е да се соберат парични средства за изработка на преносен екран кој со енергија за работа се напојува од сопствената батерија – Taihe Gemini.

Идејата за таков екран не е нова и веќе пишувавме за слични решенија на Asus и AOC. Но, за разлика од нив, Taihe Gemini има една битна предност – сопствена батерија, што значи дека во текот на работата не ја црпи батеријата од преносниот компјутер или таблет на кој е споен. Батеријата е со капацитет 5000 mAh и според наводите на производителот може да понуди до пет часа работа со едно полнење.

Taihe Gemini ќе може да се набави во две верзии. Двете имаат екран со дијагонала од 15,6 инчи, но со различна резолуција. Зависно од моделот, резолуцијата е 1080p или 4K. Дополнителната разлика е и во тоа што FHD екранот има поддршка за работа со дигитално пенкалце (осетлив е на допир), додека 4K екранот нема. Taihe Gemini има сталак што наликува на оној на Microsoft Surface.

Што се однесува до портовите, нивниот број зависи и од тоа дали се работи за дисплеј со FHD или 4K резолуција. Двата имаат по еден USB-C порт, со тоа што FHD моделот е опремен со уште два mini HDMI порта и два mini USB конектори, додека 4K моделот има еден HDMI, еден mini DisplayPort и два USB 2.0 (Type-A) конектора со целосна големина.

Кај двата модела, USB-C портот може да послужи само за полнење на батериите на мобилните уреди. За полнење на сопствената батерија се користи посебен порт. Покрај Taihe Gemini екранот, во пакувањето ќе бидат приложени и сите потребни кабли, адаптери и далечински управувач. Деталните спецификации се достапни на страницата на crowdfunding кампањата.

Доаѓањето на Taihe Gemini екранот на пазарот не е под знак прашање, бидејќи наместо бараните 10.000 американски долари се собрани повеќе од 580 илјади долари. Пазарната цена на FHD моделот ќе биде 299 долари, додека 4K моделот ќе чини 499 USD. Моментно, за време на траењето на кампањата цените се намалени за 80, односно 200 долари, па екраните можат да се преднарачаат по цени од 219 (FHD) и 299 (4K) долари. До крајот на кампањата останаа уште 27 дена.