Гени кои му помагаат на носот да разлика бесконечен број мириси

Човечкиот нос може да разликува трилион различни мириси – извонреден подвиг за кој се потребни 10 милиони специјализирани нервни клетки, или неврони, како и семејство од 400 гени, пишува Science Daily.

Но, како овие гени и неврони функционираат заедно за да одберат одреден мирис, е долготрајна мистерија за научниците. Ова е во голема мера поради тоа што активноста на генот во секој неврон – каде што секој од овие 10 милиони неврони избира да активира еден од овие стотици гени – се чинеше премногу едноставно за да го објасни бројот на мириси што носот може да ги распознае.

Но сега, едно истражување на оваа тема направено врз глувци на њујоршкиот Универзитет Колумбија, открило извонреден факт: со преуредување во тридимензионалниот простор, геномот ја координира регулацијата на гените во секој неврон, со што се генерира биолошката разновидност потребна за откривање на мирисите што ги доживуваме.

“Преку истражувањето утврдивме геномски механизам со кој конечниот број на гени во крајна линија можат да помогнат да се разликува навидум речиси бесконечен број мириси“, вели доктор Ставрос Ломвардас, главен истражувач при Колумбија Мортимер Б. Цукерман Институт за мозочно однесување.

Кога станува збор за мирисот, исто така познат како олфакција, тоа е еден неверојатно комплексен процес. Рецепторите во нашите носеви не само што треба да го идентификуваат мирисот, туку и да проценат колку е тој силен, потоа да ги скенираат нашите сеќавања за да утврдат дали го сретнале тој мирис претходно и да утврдат дали тој е пријатен или токсичен.

Олфакторните рецепторни неврони, односно специјализирани нервни клетки кои се протегаат од носот до мозокот, го овозможуваат сето ова. И покрај тоа што секој неврон го содржи целосниот пакет на 400 мирисни рецепторни гени, само еден од овие гени е активен во секој неврон. Дополнително збунувачки е тоа што генот кој е активен се појавува по случаен избор, и постои голема разлика од неврон до неврон.

Овој необичен модел на активност на генот е познат како правилото “еден ген по неврон“, и долго време е фокус на проучување од страна на научници како Ломвардас. Дешифрирањето на тоа како секој олфакторен рецепторски неврон успева да активира само еден од овие гени, и како овој процес резултира со такво фино подесено чувство за мирис – се уште останува долготрајна мистерија, додава Science Daily.