Мистериозни погребни ритуали се откриени за време на ископувањата во близина на градот Bury St Edmunds во англиската грофовија Suffolk. Откриени се гробници од римско време во кои се пронајдени 52 скелети, од кои дури 17 се обезглавени, а черепите биле сместени меѓу нивните нозе.
Овој погребен ритуал, досега непознат за науката, комплетно ги збуни истражувачите. Осумте од обезглавените скелети се на жени, исто толку на мажи и едно му припаѓало на дете од околу 10 години.
Мистеријата за погребниот ритуал е дотолку поголема, откако стана јасно дека луѓето не биле погубени, а нивните глави не ги загубиле при никаква џелатска акција. Археолозите тврдат дека не постојат карактеристични знаци на скелетите и черепите од секира или меч. Главите се одвоени од телата постхумно и тоа многу уредно. Можеби за таа цел се користени дури и некакви хируршки инструменти. Вратот бил пресечен одзади веднаш под основата на черепот.