Температурата на океаните расте побрзо отколку што очекуваа научниците

Светските океани се загреваат со забрзано темпо и се многу потопли отколку што научниците очекуваа, а нештата би можеле да се влошат ако итно не се преземат мерки за да се спречат климатските промени, се вели во една нова студија.

Податоците што беа објавени во четвртокот во списанието Science покажуваат дека температурата во океаните значително пораснала од 1960-тите досега. Тие исто така се затоплуваат со многу побрзо темпо од она што беше предвидено во 2014 година од страна на Обединетите нации.

Во својата студија научниците користеле податоци собрани од високотехнолошкиот систем за набљудување на океаните наречен „Арго“, што всушност претставува мрежа од над 3 000 роботски направи за пловење  што континуирано ја мерат температурата и соленоста на водата. Научниците потоа ги споредиле податоците добиени на овој начин со оние од други студии.

Тие нагласуваат дека ваквите температури се резултат на човечки активности, како употребата на фосилни горива, и додаваат дека 93 отсто од дисбалансот на земјината енергија завршува во океаните.

Зголемените температури во океаните доведуваат до поплави и топење на мразот, што дополнително придонесува за загревање на водата. Тие исто така доведуваат и до повеќе врнежи и подолготрајни бури и урагани.