Марк Цукерберг секоја година сака да научи нешто ново и одредува една голема цел која сака да ја исполни во текот на 365-те дена.

Досега тој развил систем на вештачка интелигенција кој управува со неговиот дом, во текот на годината истрчал 365 милји, ги посетил сите сојузни држави на САД, прочитал 25 книги итн.

Минатата година, неговата цел му била фокус на работите поврзани со американските избори, приватноста и добробитот на самите корисници, додека вчера на Фејсбук тој ја објавил својата цел за 2019 година.

Во текот на годината, Цукерберг сака да одржи голем број на јавни расправи за иднината на технологијата и нејзиното влијание на општеството, со цел да дознаеме какви сѐ предизвици и прилики нѐ очекуваат во текот на следните години. Тој има намера на секои неколку недели да разговара со експерти и лидери, но и со луѓе од заедниците – тие разговори ќе бидат јавни (ќе можат да се следат по пат на Фејсбук или Инстаграм) и Закерберг ќе користи различни формати на разговор со цел да бидат што поинтересни.

“Ова ќе биде интелектуално интересно, но тука е и личниот предизвик и за мене. Јас сум инженер и се навикнав да развивам свои идеи за кои се надевам дека повеќето ќе говорат сами за себе… Се радувам на уште една година учење и личен развој и расправи за бројните важни прашања со сите вас”, напишал милијардерот на својот Фејсбук профил.

Како што нѝ е на сите добро познато, 2018 година беше веројатно и најтешка и најпредизвикувачка за социјалната мрежа на Марк – од скандалот со Кембриџ Аналитика до хакирањата, Фејсбук уште повеќе ја изгуби довербата на корисниците, а тој и другите високорангирани претставници на компанијата морале да одговорат на бројните непријатни прашања пред истражувачките тела во САД и Велика Британија.

Наведените проблеми влијаеле и на цената на акциите и пазарната вредност која сега изнесува нешто повеќе од 400 милијарди долари, но и на богатството на Марк Цукерберг – претходно оваа година, неговата вредност изнесувала повеќе од 80 милијарди долари и за него се пишувало како за идниот најбогат човек на светот, додека денес неговото богатство опаднало на нешто помалку од 54 милијарди долари.

Извор: Zimo.hr