Поради кражбата на податоците, лажните информации и навредливиот речник кој се почесто се користи на мрежата, но и извештаите дека странските оперативци ги користеле нивните услуги, многу луѓе во САД сега се скептични кога станува збор за придобивките од социјалните мрежи, велат експертите.

Во текот на 2018, официјалните претставници на социјалните мрежи мораа неколку пати да сведочат пред американскиот Конгрес.

“2018 беше тешка година, и за технолошките компании и за корисниците на нивните услуги“, рекол директорот на LatticeWork Inc. – компанија за складирање на податоци, Пантас Сутарда, пренесува Гласот на Америка.

Како што тој посочи, директорите на големите компании сведочеа и дадоа големи ветувања пред членовите на Конгресот дека ќе ги решат проблемите со хакирањето на нивните системи, нешто што се уште не се способни да го направат.

Најмногу се преиспитуваше работата на Фејсбук, а овој гигант помеѓу социјалните мрежи беше критикуван по откритијата дека поради слабиот мониторинг, една политичко-консултантска компанија злоупотребила лични податоци на милиони корисници.

Во пролетта оваа година, директорот на Фејсбук Марк Закерберг започна “турнеја на извинувања“, како што кампањата иронично беше наречена од страна на Американците, со намера да ги увери корисниците дека компанијата во иднина подобро ќе ги заштити нивните податоци.

Компанијата од Калифорнија, исто така, се соочи со други проблеми откако корисничките податоци беа компромитирани поради хакерски напади. Фејсбук исто така беше остро критикуван поради лажните извештаи кои се појавија на интернет и предизвикаа насилство во Мјанмар и Шри Ланка.