Минатата година, загадочнит објект наречен “Омуамуа“ ги зачуди астрономите кога пристигна покрај Сонцето, давајќи му го на човештвото првиот поглед на еден објект кој доаѓа надвор од нашиот Сончев систем. Оваа година, меѓуѕвездениот објект направи уште нешто: придонесе за респектабилна дискусија околу вонземските вселенски бродови, пишува NBC News.
Пресвртот се случи во ноември, кога Ави Либ, шеф на одделот за астрономија на Универзитетот Харвард, напиша студија каде вели дека Омуамуа е толку невообичаен, што научниците треба да ја разгледаат можноста дека можеби ова воопшто не е комета или астероид, туку некаква вештачка структура.
Со други зборови, можеби Омуамуа е меѓуѕвездено летало изградено од вонземјани.
Некои од колегите на Либ биле заинтригирани, додека, пак, другите и не биле толку загрижени за ова – но, одеднаш главните научници започнаа да дискутираат околу тоа како да препознаат дали Оумуамуа е природен објект или пак вселенско летало, дизајнирано да ја тестира силата на сончевата светлина.
Либ е свесен дека повеќето научници се откажуваат од нешто што звучи како НЛО, но верува дека преголемиот скептицизам на оваа тема можеби ги отфрла и останатите идеи.
“Поентата на науката не е да се има предрасуди. Предрасудата е заснована на искуството од минатото, но ако сакате да си дозволите да направите откритија, тогаш иднината не треба да биде иста како и минатото“, вели тој.
Џејсон Рајт, американски астроном од Пен Стејт, кој неодамна лансираше програма за постдипломски студии во СЕТИ (Потрага по вонземска интелигенција), исто така ја споделува желбата на Либ за отворена дискусија и нуди оптимистичка проценка за растечката респектабилност кон оваа тематика.
“Има вистинска промена на културата. СЕТИ сега станува сериозна научна дисциплина“, вели тој.
Според NBC News, од самиот почеток беше јасно дека појавата на Омуамуа ќе го разниша статус-квото во астрономијата. Кратко по неговото откривањето, научниците сфатија дека необичната траекторија на објектот значи дека тој мора да дошол надвор од Сончевиот систем – и дека би можел да патува милиони години. Мистериозниот објект потоа беше наречен “Омуамуа“, односно хавајски збор што значи “гласник од минатото“.