Видеосервисот YouTube го објави кварталниот извештај, во кој помеѓу останатото е наведен и бројот на отстранети канали, клипови и коментари.
Помеѓу јули и септември, YouTube отстрани 7,8 милиони видео записи, речиси 1,7 милиони канали и повеќе од 224 милиони коментари. Машинското учење даде значителен придонес за овие резултати.
„Секогаш користевме комбинација од луѓе и технологии за да ги решаваме проблемите со содржините кои ги кршат правилата на нашата платформа, а минатата година почнавме да употребуваме понапредна технологија на машинско учење за да ги означиме содржините кои би требало да ги проверат нашите тимови. Оваа комбинација од технологија и добро обучени луѓе, ни овозможи константно да ја применуваме нашата политика и тоа се побрзо”, стои во соопштението на компанијата.
Дури 81 отсто од спорните видеа ги открија автоматските системи на компанијата, а поголем дел од нив, околу 74 проценти, ниту еднаш не се прегледани пред да бидат откриени. Речиси три четвртини од отстранетите видеа се спам, додека клиповите кои ги кршеа правилата за сигурноста на децата и правилата за содржината за возрасни, сочинуваа 10 отсто од отстранетите видеа. Околу 0,4 проценти ги сочинуваа клипови кои промовираат насилство и екстремизам.
Каналите се отсратени поради кршење на правилата, а 80 проценти од 1,7 милиони канали се избришани поради промовирање на спам, 12 отсто поради содржини за возрасни, 4,5 отсто поради кршење на правилата за сигурноста на децата.
Повеќе од 224 милиони коментари се отстранети поради кршење на правилата на заедницата, спам и слично.