Ќерката на основачот на кинеската технолошка компанија Huawei – Рен Женгфеи, Менг Ванжу, уапсена е на 1. декември во Канада и и се заканува екстрадиција во САД, пренесува агенцијата „Ројтерс“.
Менг, која е заменик претседател на компанијата и главен финансиски директор, е уапсена за наводно кршење на американските санкции, изјавил неименуван извор за „Ројтерс“.
Агенцијата додава дека во моментов не е можно да се утврди природата на нејзиниот прекршок.
Извори на агенцијата велат дека САД ја истражуваат компанијата Huawei уште од 2016. година за наводен извоз во Иран на производи со потекло од САД, што претставува кршење на санкциите кои Америка ги има воведено кон таа земја.
Компанијата преку соопштение го потврди апсењето, но изјави дека не располага со никакви сознанија дека Менг сторила некое казниво дело.
Амбасадата на Кина во Канада побара од властите веднаш да ја ослободат Менг.
Агенцијата АП наведува дека апсењето се случува во чуден момент, бидејќи американскиот претседател Доналд Трамп и претседател на Кина, Кси Џинпинг, ден пред апсењето најавија 90-дневно примирје во трговската војна.
Поврзани артикли