Кубанците од вчера имаат пристап до интернет на своите мобилни телефони.
Корисниците на услугата почнаа да добиваат текстуални пораки од државниот телефонски оператор со известување дека може да купат пакет-услуги за пристапот до интернет.
Речиси половина од 11,2 милиони луѓе во Куба имаат мобилни телефони, но не сите ќе може да си дозволат да користат интернет, објави агенцијата „Ројтерс“. Директорите на државната телекомуникациска компанија „Етекса“ пред неколку дена ги презентираа повеќемесечните пакети почнувајќи од оној со 600 мегабајти мобилен интернет за цена од 7 долари, до пакет од 4 гигабајти за 30 долари. Доколку корисниците сепак не сакаат да плаќаат за пакет, користењето на мобилниот интернет ќе ги чини 10 долари за потрошени 100 мегабајти.
Ваквите цени многу Кубанци нема да може да си ги дозволат бидејќи просечната плата во земјата се движи 30-ина долари месечно, а многу луѓе се потпираат на дознаките испратени од роднините во странство или, пак, работат повеќе работи за да го зајакнат семејниот буџет.
Куба заостанува зад повеќето земји во пристапот до интернет како поради недостигот на финансиски средства така и поради долготрајните американски санкции.
До 2013 година интернетот, генерално, беше достапен само за туристите во хотелите на островот. Сепак, од тогаш владата го постави зголемувањето на поврзаноста како приоритет преку воведување интернет-кафулиња и вајфај-пристап на отворено, како и постепено приклучување на домаќинствата на глобалната мрежа.
Поврзани артикли