Откако на 9. август доживеа светска премиера во Њујорк, по неколку недели и беше претставен на македонската јавност во Скопје, новиот флегшип модел на Samsung, Galaxy Note 9 пристигна и во редакцијата на порталот USB.mk, каде имавме прилика да го тестираме и подобро да се запознаеме со овој долгоочекуван смартфон.
ТЕКСТ И ФОТО: Никола Бурагев
Galaxy Note 9 е најмоќниот уред на компанијата Samsung. Се работи за доста голем уред кој е долг 161,9 и широк 76,4 мм, додека неговата дебелина изнесува 8,8 милиметри. Уредот е направен од Gorilla Glass 5 стакло, а тежок е 201 грам. Земајќи ги во обзир неговите димензии, во текот на користењето заклучивме дека не се работи за смартфон, кој може лесно да се користи со една рака. Дури и оние кои имаат нешто поголеми дланки, ќе имаат проблем со достигнување на горните или долните делови на екранот, како и копчињата за контрола на јачината на звукот. Сепак, благодарение на својот дизајн добро „лежи” во рака, со тоа што прилично се лизга, но е малку подебел од својот претходник Note 8, па нема случајно на рабовите да го допирате неговиот закривен екран. Исто така, ќе го пополни вашиот преден џеб, но нема премногу да ви пречи, едноставно со време ќе се навикнете на неговото присуство.
Меѓутоа, ништо од наведеното не може да му се замери, бидејќи Note 9 не е обичен модерен смартфон, туку вистински мал компјутер во вашите раце. Идеален ќе биде за сите, без разлика дали се работи за бизнис корисници, оние кои сакаат моќен смартфон за забава, како и оние кои самаат квалитетно, убаво и модерно дизајниран паметен телефон. На пазарот секако го издвојува и неговото подoбрено „S Pen” пенкалце.
Екран и перформанси
Позитивна страна на големината на Note 9 е неговиот прекрасен 6,4-инчен Super AMOLED екран без засек (notch) со 16 милиони бои, чија резолуција изнесува 2960 х 1440 пиксели. Не треба многу да се зборува за екраните на Samsung, посебно кај флегшип уредите, но ќе напоменеме дека YouTube го издвои на врвот на листата на оние смартфони кои овозможуваат најдобро искуство на гледање на содржините на овој видеосервис. Сепак, поради неговата закривеност е осетлив, па секако препорачуваме некое од заштитните стакла.
Исто така, за оние кои сакаат да играат игри, овој екран ќе биде нешто најдобро што го испробале. Секако, за искуството на играње се потребни и други фактори кои се одразуваат на перформансите, а тоа во овој случај е одличниот Samsung Exynos 9810 осмојадрен процесор (за европскиот пазар), Mali-G72 MP18 графика, како и 6 GB RAM во моделот со интерна меморија од 128 GB. Постои и поскап модел со 8 GB RAM и 512 GB простор за складирање. Note 9 нуди можност за користење на две SIM картички, како и microSD картичка за проширување на меморијата дури до 1 TB.
Кога сме веќе кај спецификациите и перформансите, треба да истакнеме дека нашиот Note 9 со Android 8.1 Oreo работеше совршено, без оглед на тоа дали користите една апликација или е во прашање мултитаскинг. Игрите како популарниот Fortnite и PUBG ги стартуваше без никакви проблеми во највисока резолуција, а при тоа значително не се загреваше. Неговата батерија од 4.000 mAh можеше да издржи барем цел ден, а смартфонот претерано не се грееше ни при користење додека батеријата за полнеше. За тоа е задолжен новиот систем на водено карбонско ладење, кој е навистина ефикасен.
Подобрениот S Pen е многу практичен
Со Note 9 доаѓа неговото препознатливо S Pen пенкалце кое доживеа значајни подобрувања и доби повеќе функции. Важно е да се истакне дека е можно да се користи до еден час, а дека за неговото полнење е доволно помалку од минута да го поставите во неговото лежиште, по што ќе можете да продолжите да работите. Тоа се однесува само на Bluetooth функциите, бидејќи пенкалцето и со празна батерија можете да го користите за основни функции.
S Pen е навистина корисен, посебно по сите подобрувања. Поседува и копче кое може да се користи за одредени функции, како далечински прекинувач за селфи фотографии, за избор на предна и задна камера, за паузирање на видео на YouTube, за негово стартување, стартување на избраните апликации, прикажување слајдови. Во други апликации има поинакви функции. Кога ќе го извлечете пенкалцето од телефонот, автоматски се отвора неговото специјално мени, кое нуди неколку корисни можности. Ако го ставите над екранот, ќе се појави лебдечки покажувач веднаш под врвот на пенкалото, кој се користи за прецизност, но и за деактивацијат на екранот, кој во тој момент го регистрира само S Pen.
Пенкалцето може да се користи за пишување на исклучен екран, а кога ќе го вратите во лежиштето, она што сте го напишале автоматски се складира на уредот, одосно во Samsung Notes апликацијата. Тука забелешката мижете да ја „закачите” и на „always on” екранот како потсетник.
Аудио и сензори
Позитивно е тоа што Samsung кај Note 9 го задржа 3,5-милиметарскиот влез за слушалки, кои се развиени во соработка со AKG, а кои нудат одличен звук. Ако ги исклучите слушалките, ќе уживате во звѕкот на квалитетните и моќни стерео звучници. И натаму звучникот на долната десна страна е лесно да се прекрие со рака и да се „загуши” кога го користите телефонот во хоризонтална положба при гледање на YouTube или играње игри, но со време ќе се навикнете и ќе најдете идеален начин за држење на уредот, за звучникот да биде слободен.
Note 9 е опремен со технологијата за сигурност која вклучува препознавање на лицето, скенер на зеницата, како и скенерот за отпечатоци од прсти сместен на задната страна, под двете камери и LED блицот, што е подобра и пологична позиција. Скенерите се прецизни и брзи, но оној за отисоци имаше мали проблеми, доколку рацете се влажни. Јасно е дека Note 9 е отпорен на вода и прашина, но влагата му смета на неговиот сензор за отпечатоци од прсти. Смартфонот поседува и други сензори, како што е оној за мерење на отчукувањата на срцето, корисен за апликациите врзани за фитнес и здравје.
Камери
Она што не одушеви кај Galaxy Note 9 се камерите. Уредот однапред има камера од 8, а одзади две од 12 мегапиксели, од кои главната доаѓа со варијабилна бленда (f/1.5-2.4). Камерите ги поседуваат сите познати можности од камерите кај Galaxy S сериите, како што се портрет режим со бокех ефект, AR Emoji и други. Се потрудивме да ги тестираме во различни услови на осветлување и резултатите се и повеќе од задоволувачки. Земајќи во предвид дека ова и натаму е само смартфон, а не дигитален фотоапарат, Note 9 се покажа извонредно.
Флегшипот на Samsung има неколку различни модови на фотографирање и снимање видеа, меѓу кои се auto (автоматски), live focus (bokeh ефект), panorama, food, pro, hyperlapse (забрзан начин) и slow motion (забавен режим). Секој мод е интересен сам по себе и нуди посебен вид на занимација. Меѓутоа, она што се покажа најдобро, а што на поголем дел од просечните корисници ќе им биде најбитно е автоматскиот режим. Note 9 во сите услови направи одлични фотографии, а светлото, нивото на бела боја, како и брзината на прекинувачот ја одработија работата речиси совршено. Без разлика дали фотографиравме во услови на добро осветлување во текот на убав и сончев ден или во услови на слабо осветлување, како што е ноќното снимање, без дополнително осветлување, авто режимот го даде својот максимум. фотографиите беа полни со детали и остри, а боите онакви какви што ги гледате со голо око.
Samsung Galaxy Note 9 може да се купи од телекомуникациските оператори во Македонија по цена од 59.900 денари.
Предности:
- Прекрасен 6,4-инчен AMOLED екран
- Супериорна камера, дури и во услови на слабо осветлување
- Одлични перформанси, доста побрз од претходникот Note 8
- Солидна автономија на батеријата
- Пенкалцето S Pen е многу подобрено
Недостатоци:
- Високата цена
- Нема HDR видео снимање
- Лошо поставено Bixby копче