Нов Зеланд е последна во низата земји кои го блокираа предлогот за користење на телекомуникациска опрема од кинескиот производител Huawei поради загриженост околу националната безбедност, а врз основа на информациите за поврзаноста на кинеската компанија со владата во оваа земја.
Телекомуникациската компанија „Спарк Нов Зеланд“ сакала да ja користи опремата на Huawei во развојот на својата 5G мобилна мрежа. Меѓутоа, владина агенција соопшти дека ваков договор значително ќе ги зголеми ризиците по националната безбедност.
Овој потег е само дел од зголемениот отпор кон вклучувањето на кинески технолошки компании, наводно поради безбедносни причини.
Huawei е најголемиот производител на телекомуникациска опрема во светот, но наиде на отпор кај владите од неколку земји поради страв дека неговата технологија може да биде користена за шпионажа.
Од компанијата досега не одговориле на барањето на Би-би-си да го коментираат случајот.
Овој потег следи по одлуката на Австралија да ја блокира можноста Huawei и кинеската компанија ZTE да обезбедат 5G технологија за австралиската безжична мрежа поради прашања поврзани со националната безбедност.
Соединетите Американски Држави и Велика Британија исто така имаат изразено загриженост во врска со Huawei, а компанијата е критикувана и во Германија, Јапонија и Јужна Кореја.
Минатата недела „Волстрит журнал“ објави дека владата на САД се обидува да ги убеди компаниите за безжични услуги во земјата да избегнуваат употреба на опрема од Huawei.