Кинескиот научник кој ги создаде првите генетски модифицирани бебиња го бранеше својот експеримент на конференција за генетичари во Хонг Конг, објави Би-би-си.
Покрај тоа што истакна дека е горд на своите достигнувања, Хе Џианкуи најави дека работи на уште една потенцијална бременост со генетски модифициран ембрион, но дека експериментот уште е во раната фаза.
Неговите тврдења, кои предизвикаа етички дилеми и дебати низ целиот свет, засега сé уште не се потврдени.
Хе Џианкуи, професор на Јужниот универзитет за наука и технологија во Шенжен, додаде дека осум двојки доброволно се пријавиле за неговиот проект, од кои само една двојка подоцна се откажала.
Објаснил и дека самиот тој го финансирал спроведувањето на експериментот.
Пред неколку дена во светот одекна веста дека кинески научник за првпат во историјата успеал да создаде генетски модифицирани бебиња, отпорни на вирусот ХИВ, од кој биле инфицирани нивните татковци.
Но, неговото научно достигнување предизвика бројни критики од страна на западните експерти, како и од универзитетот на кој работи. Универзитетот во Шенжен соопшти дека неговите претставници се длабоко шокирани од експериментот и нагласи дека тој не правен во просториите на универзитетот, како и дека Хе во моментов е на неплатено отсуство.