Водечките светски агенции на почетокот од месецов, пишуваа за големо научно истражување според кое светските океани се загреваат многу побрзо отколку што претходно сме мислеле.
Студијата беше спроведена од некои од најистакнатите светски експерти за клима, а беше објавена во престижни научни списанија.
Сепак, како што пишува порталот Index.hr, се покажа дека со неа има проблем, односно дека е погрешна.
Објавен во списанието „Nature“, текстот изработен од научниците од универзитетите Сан Диего и Принстон наведува дека температурите на океаните се зголемени за 60 отсто повеќе од актуелните проценки.
Врз основа на тоа, тие заклучиле дека дури и најамбициозните планови за намалување на емисиите на стакленички гасови треба да се зголемат за 25 проценти.
Меѓутоа, набрзо по објавувањето на оваа публикација, независен експерт за климатските прашања, еден од оние кои упорно изразуваат скептицизам дека климатските промени се предизвикани од постапките на човештвото, забележал грешка во текстот објавен во „Nature“.
„По корекцијата, резултатите повеќе не укажуваат на поголемо зголемување на затоплувањето на океаните отколку што претходно се мислело“, пишува Николас Луис на својот блогот.
„Само неколку часа анализа и пресметки беа доволни за да се откријат очигледните сериозни грешки во пресметките“, додава тој, посочувајќи дека би било важно медиумите да ги исправат заклучоците од истражувањето за кое помпезно пренесувале.
Кога ја виделе корекцијата, авторите на студијата се согласиле со него и сфатиле дека направиле грешка.
Иако новите резултати исто така укажуваат дека океаните се загреваат, новите пресметки на покачувањето на температурата му даваат многу поширок спектар – од 10 до дури 70 проценти.
Сепак, голем број научници застанаа зад авторите на студијата, посочувајќи дека процесот на објавување и корекција е суштинска поента на научните истражувања.