Huawei во септември го претстави својот чипсет Kirin 980 со напредни AI функции и 1.4 Gbps брзини на преземање, кој се најде во новите модели на Mate 20 серијата и веројатно ќе се појави во следната генерација премиум модели од P серијата.
Иако чипсетот е се уште “свеж”, кинеската компанија веќе работи на негов наследник. Ако може да се суди според индустриските извори, подготовките на Kirin 990 веќе почнале.
Извештаите од Кина сугерираат дека TSMC ќе го произведува чипсетот во 7 нанометарски процес.
Индустриските инсајдери тврдат дека филијалата на Huawei, HiSilicon инвестирала околу 200 милиони кинески јуани (околу 28 милиони долари) во истражување и развој на чипсетот од следната генерација.
Kirin 980 е првиот чипсет на Huawei креиран во 7 нанометарски процес и прв со Cortex-A76 јадра. Kirin 990 ќе има слична архитектура, вклучувајќи го бројот на транзистори и потрошувачката, но ќе го претстават Balong 5.000 модемот, сертифициран за 5G брзини.
Производството на Kirin 990 чипсетот ќе почне во текот на првото тримисечје на 2019. година, кога може да се очекуваат и повеќе детали за чипсетот.