Lenovo го претстави официјално смартфонот Z5 Pro, кој има слајд дизајн по примерот на Xiaomi Mi Mix 3 и Honor Magic 2. На овој начин компанијата успеала да избегне „сечење“ на екранот, што предизвикува силно спротивставени реакции меѓу корисниците.
Од хардверска гледна точка, Lenovo Z5 Pro нуди процесор Snapdragon 710 и дисплеј со дијагонала 6.39-инчи и FHD + резолуција, за кој од компанијата тврдат дека зазема над 95% од површината на предниот панел.
Кај меморијата, нема многу опции. Телефонот е достапен само со 6 GB RAM меморија, а 64 GB и 128 GB меморија се достапни за апликации. Lenovo не обезбедиле слот за microSD картичка. Главната камера е двојна и е базирана на Sony сензори со резолуција 16 (Sony IMX576) и 24 мегапиксели (Sony IMX519). Предната камера е двојна, а добивате 16 + 8 мегапиксели и инфрацрвен сензор за подобрено препознавање на лице. За биометричко отклучување, тука е вградениот во дисплејот сензор за отпечатоци.
Батеријата на Lenovo Z5 Pro е со капацитет 3350 mAh, а оперативниот систем е Android 8 Oreo со додаден интерфејс ZUI 10, кој обезбедува дополнителни функционалности и вештачка интелигенција за задачи како оптимизирање на користењето на батеријата, распознавањето на сцени за слики и подобрување на продуктивноста. Телефонот во моментов е достапен само во Кина по цена од 287 долари за 64GB и 330 долари за верзијата со 128GB меморија за апликации. Единствената достапна боја е црна.