Енергетската ефикасност на чисто електричните автомобили драматично и несразмерно се намалува со зголемување на брзината, но австриските власти сепак процениле дека е оправдан потегот да се овозможи, на одредени делови од патиштата во земјата, електрично возило да може да развие максимална брзина од 130 километри на час, во споредба со ограничувањето од 100 km/h кое се однесува на конвенционалните возила.
Имено, министерството во рамките на австриската влада, одговорно за одржлив развој на туризмот најави дека оваа одредба се однесува на делови од патиштата кои поминуваат низ области со најзагаден воздух. Соодветниот закон влегува во сила на крајот од годината.
Кога регулативата ќе се преведе на конкретни делови од патната инфраструктура, се доаѓа до вкупно 440 километри од јавните патишта „погодени“ од оваа одлука, што претставува една петтина од транспортната мрежа на австриските автопатишта (и останати „брзи“ патишта).
Досега, лимитот од 100 km/h важеше за сите патнички возила, додека општото ограничување на брзината на австриските автопати е поставено на 130 km/h.
„Електричните автомобили не предизвикуваат никакви штетни гасови за време на движењето“, вели ресорниот министер за одлуката, од која се очекува да го заштити здравјето на луѓето, со тоа што ќе ја намали емисијата на азотни оксиди, честички од чад и сулфурни оксиди, кои се стандардни компоненти кои се ослободуваат за време на согорувањето на нафта или бензин.
Властите очекуваат дека новите прописи ќе придонесат за популаризација на чисто електричните возила. „Сакаме да ги убедиме луѓето дека е корисно, по многу основи, да се користи електричен автомобил“, вели министерката Елизабет Кестингер.
Австрија сака да ја зголеми флотата на електрични возила на своите улици со цел да ги постигне прокламираните еколошки цели. До 2030 година, се очекува дека емисиите на јаглероден диоксид ќе бидат за 36% пониски отколку во 2005 година. Околу 80% од произведената електрична енергија во Австрија доаѓа од хидроелектричните централи и други обновливи извори, така што може и да се разбере офанзивата за промоција на концептот на електромобилност.
Спротивно на оваа земја, во Германија дури 40% од електричната енергија се произведува со согорување на јаглен, па сликата не е толку привлечна како и во братската Австрија.