Огромeн и исклучително редок смарагд вреден 2,5 милиони долари беше пронајден во рудник во Замбија.
Станува збор за 5,655-каратен скапоцен камен тежок 1,1 килограм, кој е наречен Инкаламу, што значи „лав“ на локалниот јазик Бемба. Смарагдот го пронашле геологот Дебапри Ракшит и рударот Ричард Капета на 2 октомври во рудникот Кагем, кој е претежно во сопственост на компанијата „Гемфилдс“, со седиште во Лондон.
Имиња добиваат само најголемите и највредни скапоцени камења. Смарагдот Инсофру, односно „слон“, пронајден во 2010 година, имал 6,225 карати.
Инкаламу е речиси двојно поголем од најголемиот дијамант во светот, наречен Кулинан, пронајден во 1905 година во Јужна Африка.
Смарагдот ќе биде продаден на приватна аукција во Сингапур овој месец, а 10 отсто од вкупниот износ ќе бидат донирани во проекти за заштита на дивите животни во Замбија и Мозамбик.