Компанијата Google објави дека ќе вложи 25 милиони долари во проекти кои бараат начини преку вештачката интелигенција (АИ) да се создаде похумано општество.
Оваа програма е дел од една поширока иницијатива на Google , наречена „АИ за општествено добро“, која има за цел да се намали загриженоста дека напредокот на вештачката интелигенција ќе уништува работни места, па дури и дека ќе се користи од армиите за софистицирано убивање.
Други технолошки компании презедоа слични чекори за справување со етичките прашања поврзани со вештачката интелигенција. Microsoft издвои 115 милиони долари за иницијативата „АИ за добро“ наменета за организации кои развиваат вештачка интелигенција за хуманитарни, еколошки и проекти од интерес на заедницата.
За време на презентацијата во Санивејл, Калифорнија, Google претстави како вештачката интелигенција се користи за дијагностицирање болести, помагање на луѓето со хендикеп, предвидување на ризикот од поплави и за заштита на загрозените видови.
Сепак, и покрај обврските што ги преземаат гигантите како Google и Microsoft, стравувања од скршнување на вештачката интелигенција во погрешен правец и натаму постојат.
Така на пример, и покрај ветувањата дека ја користи вештачка интелигенција за добри цели, Microsoft во моментов се бори за голем договор со американската армија, што претходно овој месец доведе до испраќање на голем број писма од групи на вработени загрижени дека компанијата може да ги предаде свои принципи во однос на вештачката интелигенција.