На Форумот годинава беше одржана и дебата за медиумите, медиумска писменост, лажни вести и дезинформации.
ФОТО: Никола Бурагев
Во амфитеатарот на Факултетот за електротехнички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) се одржa Вториот годишен Форум за управување со интернет – ИГФ МКД, кој има цел да ја подигне свеста и да промовира подобро разбирање на управувањето со интернетот.
На Форумот годинава беа разработени различни теми од областа на управување со интернет, како што се Сајбер безбедност и доверливи услуги (Ретроспектива на сајбер безбедностa во Македонија, МИОА Законска регулатива за доверливи услуги) и Заштита на податоци и интелектуална сопственост (GDPR предизвици, Вештачка интелигенција, Интелектуална сопственост на интернет).
Беше одржана и дебата за медиумите, медиумска писменост, лажни вести и дезинформации. На дебатата учествуваа Координаторот на ИГФ, Александар Ичоќаев, доајенот на македонското новинарство Бранко Героски и Никица Кусиникова од Невладината организација Konekt.
Свои поздравни обраќање на Форумот имаа и Деканот на ФИНКИ, Иван Чорбев (домаќин на форумот), Координаторот на ИГФ, Александар Ичоќаев, Марко Палоски (Формирање на Youth IGF MKD) и Хилда Колевска – Директор за економска дипломатија МНР – домаќин на првиот форум.
Учество на Вториот годишен форум за управување со интернет, преку видео повици земаа и странските претставници Lynn St Amour – Chair of the IGF Multistakeholder Advisory Group (IGF UN), Sorina Teleanu, Executive Committee Chair (SEEDIG), Sandra Hoferichter, Secretary General (EURODIG), Andrea Beccalli , Stakeholder Engagement Director – Europe (ICANN) и Chris Buckridge – External Relations Manager (RIPE)
На темата Сајбер безбедност и доверливи услуги зборуваа Предраг Тасевски – Ретроспектива на сајбер безбедност во Македонија (технички сектор), Соња Филипоска – ФИНКИ ЦИРТ: прв академски ЦИРТ во МКД (академски сектор) и Ана Малцева – МИОА Законска регулатива за доверливи услуги (Владa).
Во сесијата за Заштита на податоци и интелектуална сопственост свои излагања имаа Лилјана Пецова – Илиеска, која зборуваше за GDPR предизвиците и дилемите (граѓанскo општество), Ивица Димитровски за Вештачка интелигенција и GDPR (академски сектор) и Ели Муфисовски од React за Интелектуалната сопственост на интернет (приватен сектор).
ИГФ МКД – „Форум за управување со интернетот Македонија“ е отворен, инклузивен и неформален простор за дијалог за прашањата на управувањето со интернетот „Internet Governance“, помеѓу сите засегнати чинители во македонското општество, владата, пратениците, приватниот сектор, граѓанското општество, техничката заедница, образованието, медиумите, крајните корисници итн.
Целта на форумот е подигнување на свеста и промовирање подобро разбирање на „управувањето со интернетот“, изградба или зајакнување на капацитетот на овие чинители активно да учествуваат во националните процеси за интернет-управување, олеснување на дискусијата, размената на мислења и соработката за прашањата поврзани со интернетот, што се од особен интерес на национално ниво.
Националната иницијатива ИГФ MKД треба да придонесе за подигнување на јавната свест и за промоција на т.н. multistakeholder пристапот на сите или на повеќето засегнати чинители, како нова форма на партиципативната демократија, односно поттикнување дијалог помеѓу сите засегнати чинители. Институционални партнери во Македонија се Министерството за надворешни работи (МНР) и Министерството за информатичко општество и администрација (MИОА), а домаќин на првиот форум во 2017 година беше токму МНР. (Н.Б.)